Котромановиќ: Хрватска останува силен поддржувач на Македонија
На средбата до домаќинот, Зоран Јолевски беше потпишан и договор за соработка во областа на одбраната...

Хрватска останува силен поддржувач за влез на македонија во ЕУ и во НАТО – потврда за позицијата на официјален Загреб од министерот за одбрана, Анте Котромановиќ кој денеска беше во офицјална посета на земјава. Вели дека Македонија ги исполнува сите критериуми за да биде дел од алијансата.
„Дојдов да потврдам и да ви дадам поддршка да станете членка на НАТО и ЕУ. Сите се сеќавате дека пред неколку години и двете земји добија покана. Хрватска доби членство, а вие не. Ние сметаме дека Македонија е подготвена, ги заврши сите реформи. Постојано ги усовршувате вештините, а со тоа сте подготвени да станете полноправна членка на ЕУ и НАТО“, нагласи министерот Анте Котромановиќ-министер за одбрана на хрватска.
На средбата до домаќинот, Зоран Јолевски беше потпишан и договор за соработка во областа на одбраната.
„Македонија има одлични капацитети кои се достапни и за земјите членки на Алијансата и земјите- партнери. Истовремено, на состанокот го споменавме центарот за пилоти, кој е врвно опремен и има одличен кадровски потенцијал, потоа армискиот полигон Криволак, како и воената академија која е еден од приоритетите на Министерството за одбрана на РМ“, нагласи министерот Јолевски.
За подготвеноста и можноста за интензивна соработка во однос на повеќе конкретни проекти беше разговарано и на средбата со премиерот Никола Груевски.
Меѓу другото, премиерот и Котромановиќ зборувале за можна размена на кадри од областа на одбраната.
Катерина Топалова
