Кошарка НБА

Пораз на Атланта против втората екипа на Западот

09.02.2015 15:46

Хокс остануваат со најдобриот скор во лигата, имаат 42 победи и 10 порази, но по триумфот над Голден Стејт не успеаа да ги совладаат двата најдобри западни тима по ред...

Перо Антиќ имаше помалку од скромен учинок во поразот на Атланта од Мемфис, со 2 поена и со 2 скока. Гризлис славеа со 94:88, во мечот во кој што нашиот интернационалец одигра 15-тина минути.
 
Хокс остануваат со најдобриот скор во лигата, имаат 42 победи и 10 порази, но по триумфот над Голден Стејт не успеаа да ги совладаат двата најдобри западни тима по ред. Атланта има 14/4 против западните екпи, но Мемфис има само еден пораз во 10 меча, во дуелите со источните, на домашен терен.
 
Три натпревара во синоќешната понуда беа решавани во последните секунди. Хил на 4 до крајот им донесе победа на Пејсерс против Хорнетс, 103:102... Пау Гасол беше клучот за триумфот на Чикаго против Орландо со 98:97... Казинс со последниот звук на мечот го разочара Феникс, за конечните 85:83 за Кингс.
 
На другите натпревари, 45-те поени на Харден беа премалку за Хјустон во поразот од Портланд, 98:109. Торонто го приземји шампионот со 87:82. Лејкерс и натаму се борат со Њујорк за златната малина, синоќа загубија од Кливленд со 120:105. Минесота е во истото друштво, на трите најочајни екипи сезонава, но синоќа победи кај Детроит со 112:101.