За да летате дрон, потребна е лиценца за пилотирање

09.02.2015 16:37

Дроновите не смеат да летаат ниту за време на натпревари и протести. Заради безбедност, странските воздухоплови без екипаж не може да реализираат операции во македонскиот воздушен простор...

Се ограничува употребата на цивилните беспилотски воздухоплови. Дроновите ќе летаат само со дозвола на Агенцијата за воздухопловство. Оној што ќе ги управува, ќе мора да има лиценца и дозволена маршрута. Досега со нив се снимаа и свадби и граѓански собири, сега дронот не смее да се насочува кон лица под 50 метри растојание. Леталото без екипаж може да оперира најмалку половина километар подалеку од стратешките објекти.

„Ќе има строго дефинирани области каде ќе биде забрането летањето, како што се објекти од стратешко значење, како што е Министерство за одбрана, за внатрешни, Собранието, некои масовни собири, но може доколку има потреба да се побараат дозволи за летање на такви настани, кои ќе мора да бидат одобрени и од Министерството за внатрешни работи“, вели Горан Јандреоски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Дроновите не смеат да летаат ниту за време на натпревари и протести. Заради безбедност, странските воздухоплови без екипаж не може да  реализираат операции во македонскиот воздушен простор.

„Не може да бидат управувани, туку ќе мора да бидат согласно Законот за одбрана одобрени, за да можат истите да се користат на територијата на Република Македонија. Значи едноставно кажано, забрането е да летаат странски летала во просторот на Република Македонија“, вели Јандреоски.

Ќе се евидентираат сите дронови. Со посебна евиденција, оние до 150 килограми, во официјалниот регистар ќе бидат евидентирани како летала со повисока категорија. Последната иновација во воздухопловството во многу држави најмногу ја користат војската и полицијата за борба против тероризмот, пренос на објекти низ недостапен терен, набљудување и за различни безбедносни акции. Злоупотребата на дроновите го стегна обрачот околу цивилната примена.

 

Сузана Фиданска-Стоевска