Бизнисмените и работодавците со поддршка за предложените измени на законот за хонорарци

09.02.2015 16:44

Сметаат дека со ова решение, од една страна ќе се им се излезе во пресрет на оние кои остваруваат дополнителни приходи, а од друга страна, ќе се намали нелојалната конкуренција. Измените се иницирани од владејачкото мнозинство...

Измените на законот за хонораци се пример за партенство помеѓу бизнис заедницата и институциите- ова е ставот на Сојузот на стопанските комори по објавените корекции за исплатата на хонорарите. Како што е најавено, давачки ќе се плаќаат само за разликата над износот што е поголем од просечната плата.

„Новите законски измени се позитивни и ќе ја елиминираат нелојалната конкуренција меѓу компаниите, а хонорарците ќе добијат социјална сигурност“, изјави Сеад Кочан, заменик претседател на ССК.

Првиот човек на Конфедерацијата на работодавачи смета дека корекциите на законот за хонорарци претставува вклучување на сите граѓани и бизнис заедницата во борбата против  сивата економија. Ова според Бошков е шанса за хонорарците да се израмнат со оние кои работат на неопределено време.

„Ќе можат работниците да размислуваат дали ќе се вклучат или на некој начин ќе се ангажираат активно во  пазарот на трудот и дали ќе бидат дел од системот имаат таква можност немора секогаш да бидат непријавени туку можат да навистина да ја искористат шансата и да бидат социјално сигурни“, смета претседателот на Конфедерацијата на роботодавачи, Миле Бошков.

Од ВМРО- ДПМНЕ потсетуваат дека со овие законски решенија се води грижа пред се за социјалниот момент односно за граѓаните кои подолго време работат без да добијат какви било придонеси.

„Сепак со овој предлог прилично многу ја запазуваме компонентата на заштита на лицата, коишто долги години се водат како хонорарци, но немаат никакво осигурување, ниту пензиско, ниту здравствено“, смета Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ .

Предложените измени би важеле и за исплатените приходи во јануари годинава, а порамнувањето ќе го направат државните институции. Во споредба со европските земји,  придонесите кои ќе се плаќаат  во земјава се неколку кратно пониски, нагласи Димовски.

 

Викторија Тодоровска