Жителите од струмичко се справуваат со штетите од поплавите
Комисиите за утврдување штети работат по 460 барања на жителите од струмичко. Оттамиу велат дека околу четириесетина барања се за поплавени домови, а другите за уништено земјоделско земјиште и производи...

Мирис на тиња, кал и фекалии, распостелени црева, дигнат мебел и постелнина, разрушени мостови, искршени цевки. Жителите од струмичко се справуваат со штетите од поплавите. Велат дека петнаесет дена не може да ја дозивадат водата од нивите, ниту да ги исушат поплавените домови.
„Уништени се темелите, ѕидовите се ронат, се е уништено, од кревети од шпорет“, велаи жителка чиј дом настрада во поплавите.
Раноградинарското производство годинава ќе го нема во поплавените подрачја. Алармантна е состојбата со подземните води кои дополнително го оневозможуваат цедењето на нивите. Од месната заедница од Сачево велат дека ќе нема ниту пролетна зелка.
„Не се посадени, најмалку месец, месец ипол нема шанса да се изведе“, вели Васил Стојков, претседател на месна заедница Сачево.
Комисиите за утврдување штети работат по 460 барања на жителите од струмичко. Оттамиу велат дека околу четириесетина барања се за поплавени домови, а другите за уништено земјоделско земјиште и производи.
„Комисијата неколку дена е на терен, досега околу 40% од поднесените барања се разгледани“, потврдува Александар Ѓоргиев, претседател на Комисијата за утврдување штети.
Инаку, општините од регионот континуирано известуваат за мерките кои ги преземаат за санирање на штетите. Ја поправаат патната инфраструктура, а работат и на подготовка на елаборатите за висината на штетите од поплавите.
Според надлежните, засега нема опасност од нови поплави во овој регион.
Катерина Давчева
