Почина девојчето со искривен ’рбет
Почина деветгодишната Тамара Димовска од Велес. Девојчето кое имаше сериозно искривување на ’рбетот, утрово без знаци на живот било донесена во велешката болница. Тамара требаше да се лекува на сметка на Фондот за здравство, за што лани беше донесена позитивна одлука, а за интервенцијата беше одлучено да биде во Турција. Од Фондот жалат за смртта на девојчето, но велат дека тие не се виновни...

Почина деветгодишното девојче од Велес кое имаше тежок деформитет на ’рбетот. Помошта не стигна навреме и Тамара не замина на операција во странство како што првично беше планирано. За лекувањето имаше и одобрение од Фондот за здравствено осигурување. Решението за операцијата Фондот го одобри кон крајот на минатата година, но се чекаше термин за извршување на интервенцијата.
„Беше констатирано дека случајот е комлициран и дека е потребно дополнителен ангажман на уште двајца спинални хирурзи. Воедно беше одлучено да се изврши операцијата во Аџибадем во согласност и по консултации со родителите тоа беше одлучено да се изврши по 8-ми февруари да се добие датум и осигуреничката да отиде на лекување во странство“, потврди денеска Бранко Аџигогов, портпарол ФЗОМ.
Агонијата на малата Тамара траеше цели три години. Институциите не можеа да се договорат каде и дали ќе се оперира младата велешанка. Во меѓувреме нејзината состојба се влоши, а искривувањето достигна 80 степени.
Семејството Димовски најави дека ќе бара одговорност за смртта на нејзината ќерка.
Анита Димитријевска
