Меркел во САД, Путин нема да толерира ултиматуми
Вашингтон тврди дека нема разијдување со европските партнери. Сепак, на минхенската безбедносна конференција беше очигледен притисокот на сенатори-републиканци...

Германската канцеларка Меркел, со мировниот план за Украина в раце, пристигна во посета на американскиот претседател Обама. Од него очекува поддршка за француско-германската идеја во услови кога Конгресот бара одлучна акција и праќање оружје за украинската војска. Вашингтон тврди дека нема разијдување со европските партнери. Сепак, на минхенската безбедносна конференција беше очигледен притисокот на сенатори-републиканци.
„Мојот одговор за Канцеларката е – уште колку Украинци треба да загинат пред да им помогнеме да се одбранат самите?“, изјави сенаторот Џон Меккејн.
Берлин се спротивставува на оваа идеја, а Меркел смета дека „праќањето оружје во Украина не би го импресионирало Путин “.
„Не знаеме дали разговорите ќе успеат, но подготвени сме да ризикуваме со францускиот претседател. Му го должиме тоа на украинскиот народ“, изјави канцеларката Меркел.
Од Кремљ веќе стигна порака дека рускиот претседател нема да толерира ултиматуми, по шпекулациите дека Германија му дала рок до среда да избере меѓу мировниот план или нови санкции. Шефовите на дипломатиите од земјите на Европската унија ги проширија санкциите и треба да додадат 19 нови руски граѓани на црната листа, меѓу кои и заменик министерот за одбрана Антонов.
„Во многу сериозна ситуација сме и ова е веројатно последната шанса да се договориме пред да ги зголемиме санкциите, по висока цена за целиот свет. До сега Европската унија изгубила 21 милијарда евра во извоз“, вели Хосе Мануел Маргаљо, министер за надворешни работи на Шпанија.
Санкциите во моментов се одложени во исчекување на тоа дали ќе биде постигнат напредок на разговорите за Украина во Минск задутре. Сепак, денеска украинските власти известуваат дека во земјата веќе влегле 1.500 руски војници и конвој воена опрема.
Ивана Салтировска
