Мазе брани, Фенингер напаѓа, Вон од позадина!
Мазе беше најдобра во спуст, Фенингер во супервелеслалом, па домаќините се надеваат дека Линдзи Вон може да ја прекине нивната доминација...

Тина Мазе и Ана Фенингер. Засега тоа се хероините на Светското алпско скијачко првенство во Бивер Крик и во Веил. За очекување е нивната битка да продолжи на денешната суперкомбинација. Линдзи Вон останува главна надеж за прво мундијалско злато за Американците.
Петти пат во историјата на светските шампионати дамите ќе возат суперкомбинација. Најмладата алпска дисциплина, модифицираната комбинација, е на мундијалската програма од Оре во 2007-ма. Оттогаш се менуваа четири првенки. Златото од пред две години го брани Мазе, а пред четири на пиедесталот се качи Фенингер. Тогаш, во Гармиш, Мазе го освои среброто. Сево ова е потврда дека и денеска Словенката и Австријката треба да ја имаат главната улога на патеката во Бивер Крик. Во досегашните две дисциплини токму тие ги разменија златниот и сребрениот медал.
Мазе беше најдобра во спуст, Фенингер во супервелеслалом, па домаќините се надеваат дека Линдзи Вон може да ја прекине нивната доминација. Вон беше бронзена во супер-џи, но во суперкомбинација досега нема мундијалски медал. На стартната листа е и брозената од последното првенство – Никол Хосп, тука е и Џулија Маникузо која го освои среброто на премиерната мундијалска трка во оваа дисциплина во 2007-ма. Сепак, по се изгледа дека Мазе и Фенингер уште еднаш треба да ги привлечат рефлекторите кон себе.
