Деветгодишната Тамара од Велес не ја дочека операцијата

09.02.2015 19:08

Девојчето кое имаше сериозно искривување на ’рбетот, утрото, без знаци на живот било донесено во велешката болница. Таа требаше да се лекува на сметка на Фондот за здравство, за што лани беше донесена позитивна одлука и се чекаше термин за интервенцијата во Турција...

Почина деветгодишното девојче од Велес кое имаше тежок деформитет на ’рбетот. Тамара не замина на операција во Турција како што првично беше планирано. За лекувањето имаше одобрение од Фондот за здравство во декември минатата година, но, се чекаше термин за интервенција. 

„Предметот како фонд позитивно беше решен во декември, но по препорака на професор доктор Талу се чекаше сите тројца хирурзи да си ги усогласат своите ангажмани за да може во февруари да се утврди точниот датум кога малата Тамара ќе биде примена и оперирана“, изјави Маја Парнарџиева Змејкова, директор на ФЗОМ.

Девојчето без пулс утрово било однесено во итната медицинска помош во Велес. Докторите се обиделе да ја реанимираат, но веќе било предоцна. Во општата болница во Велес само ја констатирале смртта.

„Бидејќи не знаете во кој момент настапила смртта постапувате според протокол за реанимација со сите реанимациони постапки. Детето е преземено и упатено до општата болница каде што преку радиостаници беше алармирано да не чека екипа од анестезија и педијатар“, изајви д-р Јадранка Мишкова, итна помош Велес.

Доктор Николов, трауматолог во спиналниот центар во Скопје вели дека Тамара имала тежок степен на деформитет.

„Проблем е што доаѓа до деформитет на градниот кош, тоа влијае на белите дробови. Се поместуваат органите, она што е најтешко во лекувањето тоа е прогредирачката белодробна хипертензија“, објаснува д-р Љупчо Николов, трауматолог во спиналниот центар.

Агонијата на малата Тамара траеше цели три години. Нејзината состојба се влошуваше и заврши фатално.

 

Андријана Атанасовска