Заев објави материјали за прислушувани разговори што ги поседува
Лидерот на СДСМ тврди дека во партиското досие – Вистината за Македонија, биле следени комуникациите на 20 илјади граѓани, а тој бил предмет на обработка две години. Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ: Заев прифати да биде инструмент и марионета на странски служби за туѓи интереси кои не и сакаат добро на земјата...

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев објави 11 телефонски разговори за кои тврди дека се прислушувани. Според претседателот на опозициската партија, следени биле комуникациите на 20 илјади луѓе, меѓу кои, политичари, бизнисмени, новинари, претставници на невладиниот сектор.
Поднел кривична пријава против одговорни во МВР. Најави дека дека и во следните денови ќе објавува материјали од партискиот проект – Вистината за Македонија, а тоа го правел заради, како што рече, враќање на демократијата во земјата.
Го повика обвинителството да покрене истрага, а на снимените разговори да биде извршено вештачење.
„Од денеска СДСМ и опозицијата го започнува проектот Вистината за Македонија. Целта е единствена, да ја вратиме демократијата и слободата во Република Македонија, да ги вратиме европските вредности. Ја повикуваме и меѓународната заедница внимателно да следи се што објавуваме и очекуваме активно да се вклучи во овој процес во Република Македонија“, рече Зоран Заев.
Реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Со денешната и најавените прес конференции од ваков тип, заев со несериозен и неодговорен однос, прифаќајќи да биде инструмент и марионета на странски служби, тој очигледно со задоволство продолжува да биде дел од креирано сценарио кое што е во интерес на трета страна, која не и сака добро на Македонија. Заев само продолжува да тоне и полн со контрадикторности и небулози, сака да направи цела македонска јавност, вклучително и неговите сопартијци, да се држат во заложништво и јавноста да биде под уцена и да биде дефокусирана од реалните теми и потреби на граѓаните. Заев има една очигледна, проѕирна и површна намера да се претстави и себеси како жртва и тоа во ситуација, кога тој не е ништо друго освен марионета, која што работи и делува во функција на туѓи интереси. Сценариото нема да им помине и за се ова институциите во рамки на своите законски и уставни надлежности треба да ги утврдат сите факти и околности, но, и мотиви и цели и на инспираторите, и на поддржувачите и на извршителите на ова сценарио“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Миле А. Ристески
