Со нова опрема, продолжува дигитализацијата на книжевното богатство
Во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ е ставена во функција современа високо квалитетна опрема за дигитализација на книжниот фонд, во рамки на проектот – Дигитална библиотека...

Со дигитализација се осигурува вредното книжевно богатство , се заштитува од забот на времето. Комјутеризирани се еден милион страници од многу значајни ракописи. Ретки и стари книги од археографската збирка, наслови од весници и списанија, дел од збирката ретка периодика, и старословенски ракописи. Со новиот сервер ќе продолжи дигитализацијата на печатените книги, а ќе бидат достапни и за слепите и слабовидни лица.
„Ќе се дигитализираат 46 илјади македонски изданија од 1945 година до денес, исто така ќе се дигитализират девет наслови од збирката Ориенталистика, разгледници и плакати со уметничка вредност, како и дел од фондот на збирката за ликовни уметности“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Ќе се реституираат и сите словенски ракописи кои се во странски библиотеки, за да бидат достапни во дигитална форма.
„Ова е еден начин тоа наше непроценливо богатство, кое што ние го имаме и го поседуваме, да биде презентирано и сочувано за идните поколенија“, изјави директорот на НУБ Св. Климент Охридски, Иван Заров.
Во тек е и реализација на проектот превод на 135-те тома македонска книжевност на шест јазици, меѓународна промоција на ретки и стари книги во светските центри, а во Народната универзитетска библиотека во тек е и конкурс за вработување стручен кадар.
Александра Перевска
