Страотен пожар во Велес: Една жртва, три семејства без дом
Страотен пожар во Велес. 74 годишна жена изгоре во споствениот дом. Брзото рушење на внатрешните скали било причина да неможе да се стигне до неа. До темел изгорени се домовите на три семејства, а штети има и конфекциски погон. Причините за настанување на пожарот засега се непознати, увидна екипа работи на расветлување на случајот за кој велешани велат дека е еден од најстрашните...

Едно починато лице, три семејства без дом и една конфекциска работилница без машини и репро материјали, ова е билансот од страотниот пожар во велешката населба Дворови.
„За пола саат сета куќа се сруши, се изгоре до темел, влакно не остана од спратот се што имавме од покуќнина ни изгоре“, сведочи Татјана Јанушева.
„Детето рипна од џамот ги прифати едне полицаец.“ Очевидци велат досега ова е најстрашен и најголемиот пожар кој го виделе. Нешто после полноќ огнот најнапред се појавил во едната куќа, а отука ветерот го носел до соседните.
Состојбата беше критична, непристапниот терен уште повеќе ја усложнуваше работата, велат пожарникарите кои напомош ги повикаа своите колеги од Скопје, Свети Николе, Кавадарци. Во гаснењето на пожарот учествувале и соседите. Шест лица се повредени, три од експлозија на оксигенска боца.
„По утврденото дека не се работи за тешки телесни повреди, дека немаат изгореници се пратени на домашно лекување“, изјави д-р Силвана Мишева, портпарол на Општа болница Велес.
Министерот за труд и социјала Диме Спасов, заедно со пратеникот Димовски и градоначалникот Чадиев ги посетија настраданите.
„Министерството за труд и социјална политика ќе додели еднократна парична помош на членовите од семејствата кои го изгубија сопствениот дом“, нагласи министерот Спасов.
„Одма уште денес ќе реагирам како градоначалник и на сите три семејства ќе им доделам по 30 илјади денари“, рече градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.
„Како град, сите државни институции, локални институции, приватниот сектор, граѓаните... да помогнеме на овие семејства“, нагласи пратеникот Илија Димовски.
Причината за пожарот засега е непозната, во моментот надлежните служби се на терен и во тек е увидната постапка, велат од полицијата.
За година ипол во Велес ова е трет пожар во кој покрај материјалната штета има и човечи жртви.
Дијана Иванова
