И од Македонија преку ХСБЦ се криеле пари во даночните раеви

10.02.2015 15:01

Околу 100.000 клиенти, 20.000 офшор компании, 180 милијарди евра затаен данок, тоа е дел од истражувачката работа на париски „Ле Монд“ и другите партнерски весници, меѓу кои и швајцарскиот „Ле Темпс“, за разработениот систем од страна на швајцарсата банка ХСБЦ, втора по гоемина банкарска група во светот. Се обелоденува дека 9 лица од Македонија преку оваа банка сокриле 164,1 милиони долари...

Истрагата ја водеа 140 новинари од 45 земји, обединети во Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, врз основа на документите кои ги доби париски „Ле монд“ од својот анонимен извор. Во нив има 59.000 досиеа кои се однесуваат на околу 106.000 клиенти на швајцарската приватна банка „ХСБЦ Првајт Банк“.

„Бевме контактирани во весикот од лице кое не го познававме до тогаш. Лицето ни рече дека му се допаднала работата на „Ле Монд“ за чувствителните афери и посебно околу ХСБЦ и дека сака да ни помогне да одиме подалеку“, изјави Фабрис Лхоме, новинар во „Ле Монд“.

Од добиените податоци се откри скриената страна на швајцарските банки. Од 2005 до 2007 преку Женева, транзитираа астрономски суми, од светски познати личности како на кралевите на Јордан или на Мароко, актерот Џон Малкович, хумористот Гад Елмалех, фотографот Њутон, но и на помалку познати адвокати, хирурзи, спортисти на кои банката им пружила помош во затајувањето на данокот во нивните матични земји.

„Тоа е нешто огромно. Сумите се колосални, повеќе од 180 милијарди евра“, тврди Жерар Даве, новинар во „Ле Монд“.

Во однос на Македонија според податоците, во ХСБЦ 9 лица отвориле 15 банкарски сметки, со што таа се најде на 157-то место според бројот на клиентите. Но, затоа пак според депонираните средства таа е на 89-то место со затаени 164,1 милиони долари. Најголемиот клиент на ХСБЦ од Македонија има ставено 54,6 милиони долари.

На ранг листата според затаените средства прва е Швајцарија. Весникот и новинарите ја гарантираат анонимноста на нивниот извор, додека банката од самиот почеток на аферата демантира.

Франција од своја страна води истрага за своите даночни затајувачи, таа успеа да го утврди идентитетот на многу од нив, бидејќи сите се скриени зад бројки. 

Против банката ХСБЦ во Франција е подигнато обвиненеие, засега нема документи за други банки, но сомневањата постојат.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ