Нивото на Црна Река опаѓа, се повлекува и водата од поплавените села
Студеното време сојузник на поплавените пелагониски општини. Водата полека се повлекува. Мештаните во обид да санираат дел од штетите. Од акумулацијата Стрежево се врши контролиран испуст за да се создаде простор за прифаќање на водата по топењето на снегот...

Ниската температура сојузник на пелагониските општини. Нивото на Црна река во однос на вчера пониско за дестина сантиметри. Полека се повлекува и водата од поплавените села. Вашарејца беше едно од трите најпогодени. Животот во селото кое до пред некој ден пливаше во вода навидум се стабилизира. Мештаните раздвижени, секој со свој санациски план.
„Штетите се големи и треба време за целосна санација. Житото што го чувавме целото е уништено, а проблем е и тоа што влегува вода во шталата“, вели Зора Анѓелковска.
„Храната за добитокот веќе е мувлосона, ќе трба да се набавуваат нови количини, да се тампонираат каливите патеки. За посеаното не сакам ни да мислам, по повеќе од десет дена во вода и тоа ќе скапи“, вели нејзиниот сопруг Павле.
Состојбата е постабилна, но тоа не нидава право да се опуштиме. На Пелистер има повеќе од едемн метар снег, наглото топење може да донесе нови проблеми, вели градоначалникот Пивковски.
„Механизацијата сеуште е на терен, се обидуваме да направиме повисоки насипи на критичните места затоа што наглото топење на снегот може да создаде нови проблеми“ изјави градоначалникот Стево Пивковски.
Состојбата будно ја следат и од акумулацијата Стрежево. Со врши контролиран испуст од 6,5 кубни метри вода во секунда, затоа што во акумулацијата веќе има 93 милиони кубни метри.
„Тоа го правиме со единсрвена цел да ослободиме дополнителен простор кој ќе ни овозможи прифаќање на поголеми количини на вода при евентуалното нагло топење на снегот“, вели директорот на Стрежево, Маријан Геровски.
Во текот на денешниот ден се очекува колку толку да биде оспособен и патот кон Добрушево, а со тоа од утре на настава во Могила ќе можат да дојдат и петоодделенците од Ношпал и Радобор.
Стевче Митревски
