Тодоров: Ќе се испитува дали имало пропуст во лекувањето на Тамара

10.02.2015 16:28

Зошто девојчето двапати било одбиено за операција и зошто докторите не напишале дека станува збор за итен случај, се двете клучни прашања на кои ќе се бара одговор...

Министерот за здравство, Никола Тодоров најави преиспитување на случајот со смртта на деветгодишната Тамара од Велес која имаше тешко заболување на ’рбетот. Зошто девојчето двапати било одбиено за операција и зошто докторите не напишале дека станува збор за итен случај, се двете клучни прашања на кои ќе се бара одговор. 

„Потврдено е дека немало итност, но тоа треба да се испита дали имало или немало, и ако имало зошто не е постапено така, а ако немало зошто немало. Значи треба детално тој дел да се испита и да се види дали има некаде пропуст“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Откако турскиот хирург утврдил дека девојчето неможе да биде оперирано во новоотворениот спинален центар во земјава, бидејќи станува збор за ретка и сложена операција, одлучено е да замине на операција во Турција. На родителите им било предложено операцијата да ја изведе тим од врвни хирурзи, а датумот да се утврди на 8-ми или 9-ти месецов.   

„За жал не издржа иако мислам дека се што беше во моја моќ да направам дури можеби и повеќе од тоа, сепак очигледно не било тоа доволно... Навистина ми е жал, жалам за целиот овој немил настан“, рече министерот Тодоров. 

Истрага за случајот најави и Основното јавно обвинителство. Назначен е надлежен Јавен обвинител кој ќе го разгледа предметот и ќе ја почне постапката за утврдување на факитите и на евентуалната одговорност за смртта на девојчето.

 

Андријана Атанасовска