Кавадарчани се приклучуваат кон иницијативата на Граѓанското движење за одбрана на Македонија
Незадоволни се од последните случувања во државата и прислушувањата на илјадници граѓани со помош на странски служби, кои материјали потоа се користат за внесување раздор и незадоволство во земјава...

Поддршка на Граѓанското движење за одбрана на Македонија пристигна и од голем број интелектуалци, педагози, актери и јавни личности, од Кавадарци. Незадоволни се од последните случувања во државата и прислушувањата на илјадници граѓани со помош на странски служби, кои материјали потоа се користат за внесување раздор и незадоволство во земјава. Активноста на опозицискиот лидер ја оценија како цел за дестабилизација на државата за нелегално доаѓање на власт.
„Ја поддржуваме платформата за одбрана и будност на граѓаните против поединците, групите и партиите кои се понесени од својата алчност за власт и не бираат средства и ги поткопуваат темелите и одземаат слободата на државата. Се приклучуваме и му даваме целосна поддршка на Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Ова не го зборуваме од никакви политички побуди, туку како луѓе кои согледуваат дека сето ова има една и единствена цел - дестабилизација на Македонија. Затоа повикуваме да не се дозволи тоа и апелираме до сите граѓани да дадат целосна поддршка, без оглед на нивната партиска и друга определба“, изјави Киро Урошев, претседател на Граѓанското движење за одбрана на Македонија од Кавадарци.
Поддршка на платформата даде и здружението на кавадаречките пензионери. Велат - власта се добива на избори.
„Се приклучуваме како пензионери со поддршка за оваа платформа. Опасна работа е тоа што го прави. За да дојде на власт ги жртвува животите на граѓаните. Наместо да ги признае поразите како многу други политичари од странство кои се повлекуваат по изгубени избори и работат за да му понудат на народот резултати, тој бара помош од странски служби за да ја урне власта, која легитимно ги доби изборите“, вели претседателот на Извршниот одбор на Здружението на пензионери, Ристо Анѓушев.
Граѓанското движење за одбрана на Македонија секојдневно добива поддршка. По Скопје, се приклучија Битола, Велес, Охрид, Прилеп и Штип.
Наташа Гркова- Петрушевска
