Кошарка, БИБЛ
Куманово победнички низ Бар
10.02.2015 21:50
Засилени со повратникот Урош Луковиќ, кумановци триумфираа над црногорски Морнар во Бар, со 88-86. По голема борба го добија неизвесниот меч со многу пресврти во којшто по првиот период имаа плус 8, а на полувреме водеа и со 11 поени разлика, 47-36...
И оваа недела Kуманово и Kожув ја претставуваат нашата клупска кошарка во БИБЛ. И додека гевгеличани утре вечер против бугарски Рилски Спортист на свој паркет ќе настојуваат да ги сочуваат стопроцентниот ефект и лидерското место во конкуренцијата „Д“ од втората групна фаза, Куманово вечерва ја забележа втората победа во овој натпреварувачки сегмент и остана во трка со косовски Пеќ за директен пласман во полуфиналето.
Засилени со повратникот Урош Луковиќ, кумановци триумфираа над црногорски Морнар во Бар, со 88-86. По голема борба го добија неизвесниот меч со многу пресврти во којшто по првиот период имаа плус 8, а на полувреме водеа и со 11 поени разлика, 47-36. Сепак, нештата си ги усложнија со лошо издание во третата четвртина во којашто Морнар не само што го надомести минусот, туку по 30 минути игра стекна и водство од 74-69. Сепак, нашиот тим го крена нивото во завршниот период, во неа прими само 12, а даде 19 коша и забележа значаен успех во борбата за остварување на целта.
Луковиќ беше лидер на Куманово со 26 поени и со 13 скокови, Костоски постигна 18, Филиповиќ 13, а Мандиќ 11 коша. Кораќ со 25 поени беше прв стрелец на Морнар. По оваа победа кумановци го минаа црногорскиот тим и сега со 6 бода се израмнети со Пеќ, којшто сепак допрва има меч со Крајова. Првото место во групата ќе води во полуфиналето, додека второ- и третопласираните екипи од двете групи ќе разигруваат за да се најдат во него.
