СП во алпско скијање во Бивер Крик

Австрија пак со екипно злато

11.02.2015 14:07

Во 12-те нокаут-трки во паралел-слалом Австријците забележаа осум победи...

Селекцијата на Австрија го одбрани златото од пред две години, триумфирајќи и во екипното натпреварување на Светското алпско скијачко Првенство во американски Бивер Крик. Во 12-те нокаут-трки во паралел-слалом Австријците забележаа осум победи. На патот до највисокото место на пиедесталот славеа над Аргентина со 4-0 во осмина-, против Норвешка со 3-1 во четврт- и против Швајцарија со 3-1 во полуфиналето. 

Во директната пресметка за најблескавото одликување, со 3-1 беа поуспешни од Канада. Прво Ерин Мјелжински беше побрза од Ева-Марија Брем, но потоа возврати Марсел Хиршер во трката со Фил Браун, па Михаела Кирхгасер беше доминантна во трката со Кендис Крофорд, за на крајот Кроштоф Несих против Тревор Филп да ја потврди победата на Австрија.

Бронзата им припадна на Швеѓаните, коишто со 3-1 го добија утешното финале против скијачите и скијачките од Швајцарија.

На мундијалот денеска е слободен ден, пред завршните четири натпреварувања во техничките дисциплини, велеслаломските и слаломските трки во двете конкуренции.