Инвестиција

Британска „Ендава“ почна со работа во Македонија

11.02.2015 14:40

Во конкуренција на 40 европски градови, Скопје е избрано за седиште на регионалните операции поради брзиот економски раст на земјата, развојот на ИТ секторот и високообразовниот кадар...

Британската компанија од информатичко- комуникацискиот сектор „Ендава“ отвори нови канцеларии во македонската метропола. Компанијата која развива софтвери, минатата година најави првична инвестиција од над 2 милиона евра во земјава и креирање 450 работни места.

Во конкуренција на 40 европски градови, Скопје е избрано за седиште на регионалните операции поради брзиот економски раст на земјата, развојот на ИТ секторот и високообразовниот кадар.

„Македонија е позната како еден од најбрзорастечките пазари во ИКТ секторот во овој дел од Европа. Таквиот тренд се должи на нашите политики и мерки за развој во изминатите години, поттикнувањето на младите да е образуваат во делот на информатичките науки, отворањето нови факултети,... Ваквите прилики, но и добрите бизнис услови што ги нуди Македонија, се основните причини поради кои светски познатиот бренд „Ендава“ реши да го прошири своето производство токму тука“, истакна премиерот Никола Груевски.

Како што рече извршниот директор Џон Котерел, тимот во Скопје засега брои 36 членови, но во следните 12 месеци ќе достигне 100 лица.

„Брзиот економски раст, уште поинтензивниот развој на информатичкиот сектор и високообразовниот кадар беа клучните причини поради кои го одбравме Скопје меѓу 40 други градови. Нашата цел е да ги привлечеме најдобрите од оваа област, тие во нас да препознаат место каде што ќе ја изградат својата кариера“, истакна Котерел.

Британската компанија развива софтвери за најдобрите 500 мултинационални компании од листата на „Форчн“ од банкарскиот, телекомуникацискиот и осигурителниот сектор.