Британска „Ендава“ го почна бизнисот во Македонија

11.02.2015 16:11

Бизнисот го почнува со триесетина ИТ професионалци, тимот ќе го шири со 400- тини нови. Менаџментот на британска „Ендава“ вели - во Македонија има едуциран информатички кадар, архитекти, проект менаџери, аналитичари. Економското опкружување е пријатно, ИТ заедницата динамична, има потенцијал за раст ...

Брзиот економски раст, уште поинтензивниот развој на информатичкиот сектор и високообразовниот кадар беа клучните причини поради кои го одбравме Скопје меѓу 40 други градови. Нашата цел е да ги привлечеме најдобрите од оваа област, тие во нас да препознаат нешто каде што ќе ја изградат својата кариера, потенцира извршниот директор на „Ендава“, Џон Котерел.

Влезот на новата глобална брзорастечка компанија ќе го подобри имиџот на државата, користењето на врвна технологија ќе создаде искусни професионални кадри. Македонија е регионален лидер во информатичкиот сектор – нагласи премиерот Груевски.

„Македонија е позната како еден од најбрзорастечките пазари во ИКТ секторот во овој дел од Европа. Таквиот тренд се должи на нашите политики и мерки за развој во изминатите години, поттикнувањето на младите да се образуваат во делот на информатичките науки, отворањето нови факултети,… Ваквите прилики, но и добрите бизнис услови што ги нуди Македонија, се основните причини поради кои светски познатиот бренд „Ендава“ реши да го прошири своето производство токму тука“- рече премиерот Никола Груевски.

Британска „Ендава“ со годишен приход од над 85 милиони евра остварува бизниси и во САД ,Германија, Романија, Молдавија. Има тим од над 1.800 вработени. Пред една година донесе одлука да го почне бизнисот и во Македонија.

„Големината на „Ендава“ во Романија и Молдавија, каде што вработуваат над 1.000 луѓе сигурно и на други компании ќе раскаже и за нивниот нов офис во Македонија“, рече Висар Фида, министер за странски инвестиции.

Во простор дизајниран според највисоките светски стандарди, со делови и за релаксација и занимливи активности, тимот вработени, од центарот на Скопје ќе го шири бизнисот на Ендава и од Македонија.

 

Сузана Фиданска- Стоевска