Во Минск се решава судбината на Украина
Од исходот зависи, дали истокот на Украина ќе се реши преку дипломатија, како што бараат Меркел и Оланд или судирот ќе прерасне во отворена војна ако Обама испорача оружје...

Очите на светската јавност вперени во Минск. Лидерите на Русија, Украина, Германија и Франција се среќаваат на состанокот за решавање на украинската криза. Од исходот зависи, дали истокот на Украина ќе се реши преку дипломатија, како што бараат Меркел и Оланд или судирот ќе прерасне во отворена војна ако Обама испорача оружје. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров ја обвини Украина дека бара територијални придобивки во борбата против проруските бунтовници за да се подобри позицијата на Киев во Минск.
„Украина не треба да бара контрола на границата со Русија во териториите што ги контролираат бунтовниците, како предуслов за каков било договор“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Украинскиот претседател пред состанокот во Минск изјави дека тој и Врховната Рада се подготвени да воведат вонредна состојба на територија на цела Украина, во случај на неуспех на состанокот и во случај на ескалација на конфликтот на истокот на Украина. По синоќешната посета на повредените во Краматорск, изјави дека се прави злосторство против човештвото.
„Мирни луѓе умираат во своите домови. Бараме, веднаш, безусловен прекин на огнот и повлекување на војниците и сите странски сили од украинската територија“, нагласи украинскиот претседател, Петро Порошенко.
И покрај тоа што контакт групата договори прекин на огнот и повлекување на тешката артилерија, во ракетен напад врз автобуска станица во Доњецк загинаа најмалку четири лица и уште 19 војници во судирите.
„Седев на мојот прозорец дома кога се случи експлозијата. Ѕидот падна врз мене. Не се сеќавам на ништо по експлозијата“, сведочи една пензионерка.
Пентагон за воена вежба на истокот на Европската унија прати во Германија 300 пилоти и 12 авиони А-10 тандерболт познати како „убијци на тенкови“.
Маријана Димовска
