Поблиска соработка меѓу бизнисмените од Македонија и од Албанија

11.02.2015 16:52

Подобрување на соработката меѓу бизнис секторите во Македонија и Албанија. Ова е целта на проектот за прекугранична соработка поддржан од Европската унија, а го реализираат Сојузот на стопански комнори на Македонија и Институтот за современи истражувања од Албанија...

Прекугранична соработка и претприемништво. На оваа тема дискутираа претставници на централната и локалната власт, стопанствениците, како и делегација од Албанија, на конференцијата организирана од Сојузот на стопански комори на Македонија. Целта е подобрување на бизнис соработката во прекуграничниот регион помеѓу Македонија и Албанија.

Заменик претседателот на Сојузот на стопански комори Сеад Кочан, истакна дека директната трговија, поволните услови за кредит, размената на суровини и технологија се само дел од придобивките од подобрувањето на бизнис климата меѓу двете земји.

„Дел од компаниите од тетовскиот регион веќе имаат направено обид да ги пласираат своите производи во Република Албанија“, изјави Сеад Кочан, заменик претседател на ССКМ.

Министерот за економија Беким Незири и министерот и за локалната самоуправа Лирим Шабани истакнаа дека ќе се работи на интензивирање на комуникацијата помеѓу бизнис секторот со локалната и централната власт во насока на подобрување на условите за водење бизнис.

„Ќе ја подобриме меѓусебната размена меѓу двете држави која во моментов е околу сто милиони долари“, рече Беким Незири, министер за економија.

„Министерството за локална самоуправа со прекуграничната соработка со Албанија до сега има реализирано 47 проекти почнувајќи од инфраструктура, културата и животната средина“, вели Лирим Шабани, министер за локална самоуправа.

Овој проект е финансиран од Европската Унија, а на конференцијата поддршка доби и од евроамбасадорот Аиво Орав. Сојузот на стопански комори на Македонија во соработка со Институтот за современи истражувања од Албанија, речиси две години работи на подобрување на прекуграничната соработка меѓу компаниите од Полошкиот регион и регионот на Корча.

 

Зоран Јованоски