Решен статусот на над 3.000 хонорарци

11.02.2015 17:09

Собранието даде зелено светло за законот за трансформација во редовен работен однос. Сите ангажирани во јавниот сектор коишто се без решен статус ќе добијат редовно вработување. Станува збор за околу 3.000 луѓе...

Се решава статусот на околу 3 до 4 илјади хонорараци, вработени на договор на дело и волонтери. Воспитувачки, лаборанти, медицински сестри, хигиеничари кои што долги години работеа само за хонорар или волонтираа ќе добијат вработување на неопределено време. Собранието го изгласа законот за редовен однос со што се  овозможува трансформација.

„Со овој закон се решава статусот на неколку илјади лица ангажирани врз основа на авторски договор или врз основа на некој друг вид договор во државните органи, во институциите од областа на културата, образованието, здравството, детската заштита, социјалната заштита, основани од Република Макеоднија“, изјави Ардиан Џеладини, заменик министер за финансии.

Вработувањето ќе се врши во три етапи. 35 проценти ќе добијат вработување на неопределено, 35 проценти до 1-ви декември годинава, а остатокот до септември идната година.

„На овие луѓе ќе им се трансформираат договорите на неопределено работно време е принципот на врементраење на работниот однос што работникот го имал во соодветната институција“, изјави пратеникот Крсто Мукоски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот е добар, велат и од опозицијата, но сметаат  дека е потребна подлабока анализа. Не се согласуваат дека времетрањето на работата треба да биде единствениот критериум за вработување.

„Принципиелно, еден ваков закон треба да се носи во редовна постапка, со една подлабинска анализа, затоа што можеби ќе имаше и подобри решенија и подобри критериуми. Принципиелно сум за носење на закони и поголеми измени со почитување на редовната постапка“, рече пратеничката Роза Топузова- Каревска.

Државните органи и јавни компании имаат 14 дена да ги усогласат актите за систематизација. Во рок од еден месец ќе треба да се склучат договорите за вработување. Со измените институциите, хонорарни соработници ќе може да имаат само 1 процент од вкупниот број на вработени.

 

Дијана Ценевска