Експерти: Новите вработувања ќе ја раздвижат економијата
Со трансформирањето на работниот однос на вработените во државните институции на неопределно време се решава децениски проблем – оценуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Сметаат дека ова е конкретен чекор за подобрување на статусот на работниците. Економистите очекуваат зголемување на јавната потрошувачка...

Над три илјади лица од државните институции со волонтерски, авторски или договор на дело добиваат решенија за трајно вработување. Новиот закон за трансформација на работниот однос доби зелено светло од Собранието. За првиот синдикалец оваа владина мерка е историски чекор. Вели - со законот ќе се реши егзистенцијата на овие луѓе и ќе се зголеми јавната потрошувачка.
„Овој историски, децениски проблем беше присутен уште од осамостојувањето на Република Македонија и еве за прв пат се решава на ваков начин. Станува збор за регулирање на работниот однос на огромен број на луѓе“, изјави претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Овој модел на вработување ќе ја смени економската слика на државата, сметаат експертите.
„Треба да се има в предвид дека оваа мрека треба да биде долгорочна и да биде прманентна, дека таа не е еднократна, да кажеме како преседан. Треба да имаме предвид дека треба да биде во подолг период и да биде поткрепена со уште неколку други мерки“, смета универзитетскиот професор, Сашо Кожухаров.
Новите вработувања позитивно ќе ја раздвижат економијата. Од Сојузот на стопански комори очекуваат и бизнисмените да го следат владиниот пример.
„Сигурно дека многу позитивно ќе се одрази врз тие луѓе. Тоа ќе се одрази и врз економијата, на краток рок ќе се раздвижи“, вели Сеад Кочан, потпретседател на ССК.
Откако Законот ќе стапи во сила институциите се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица.
35 проценти од нив ќе бидат веднаш вработени, уште 35% од 1 декември годинава, а другите 30 проценти стануваат редовно вработени од 1 септември 2016-та година.
Сунчица Николоска
