СДСМ поднесе кривична пријава за прислушување до обвинителството
СДСМ до Основното јавно обвинителство поднесло кривична пријава против две познати и повеќе непознати лица за неовластени прислушување и тонско снимање. Кривичната ја поднесла партијата, а не лидерот Заев. Партиски извори велат дека имало негодување на Бихаќка затоа што лидерот се крие зад целото членство и ја става партијата во заложништво...

СДСМ поднесе кривична пријава за прислушување до обвинителството. Пријавата ја поднесе партијата, а не лидерот Зоран Заев. Обининтелството соопшти дека е примена кривична пријава од СДСМ против две познати и повеќе непознати лица за кривично дело - неовластено прислушкување и тонско снимање. Според информациите, во материјалите што се доставени ги има само неговите разговори. Не се наведени други докази.
Во пријавата уште стои дека материјалите наводно му ги дале непознати лица. Претходно Заев во снимката од неговата средба со премиерот рече дека тоа што го поседува му е од странски служби. Тоа стоеше и во писмото до Верушевски што беше објавено во медиумите.
„Работата што ја чекаме од пријателите од надвор... е завршена. Сите детали се прецизирани. Многу сум среќен поради тоа, затоа што и амбасадорот, но и јас вклучив луѓе на многу високи позиции од партијата на премиерот на странска држава. Нашиот извор (не сака да открие за кого станува збор, но вели дека е премиер на странска држава) коишто се токму на општeствени позиции врзани за проблематиката што ја разработуваме јас и вие“, се вели во писмото.
Медиумските анализи за случајот „Пуч“ продолжуваат. Денешен „Дневник“ отвора дилеми за мотивот за пуштањето на снимката. Сеење страв кај граѓаните и обид јавноста да се убеди дека евентуалните материјали за посериозни нешта се вистинити, а не монтирани.
„Зошто од илјадници материјали за масовно прислушување на 20.000 илјади граѓани, како што самиот тој тврди, Заев одбра да објави 11 приватни разговори во коишто слушаме за меѓупартиски и лични односи во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за лични односи на Заев со неговата ќерка. Каква слобода на говор е тоа и какво функционирање на демократската опозиција е тоа, освен ако не станува збор за сценарио за сеење страв меѓу граѓаните на РМ? – прашува „Дневник“.
Заев во понеделникот објави аудио снимки од наводно прислушувани разговори и ја обвини полицијата дека прислушкувала повеќе од 20 илјади граѓани. Рече дека материјалите ги добил од домашните служби.
Претходно премиерот Никола Груевски во обраќање до јавноста обелодени дека Заев му се заканувал дека поседува доверлниви материјали што ги добил од странски служби и го уценувал дека ќе ги објави доколку не се формира техничка влада.
Наташа Гркова- Петрушевска
