Државен деловен простор на продажба од утре

11.02.2015 16:55

Деловниот простор ќе се продава по пат на јавна електронска аукција, а ќе го купи оној што ќе понуди највисока цена и ќе ја плати во рок од 15 дена по прием на писменото известување...

Ќе се продава државен деловен простор, првиот пакет ќе биде понуден утре. Сите заинтересирани ќе можат да се пријават електронски во рок од 30 дена на интернет страницата  deloven-prstor.mk. Ќе треба да достават и банкарска гаранција во износ од 2% од проценетата почетна вредност на објектот за кој ќе наддаваат. Деловниот простор ќе се продава по пат на јавна електронска аукција, а ќе го купи оној што ќе понуди највисока цена и ќе ја плати во рок од 15 дена по прием на писменото известување.

„Во рамки на овој прв оглас ќе бидат понудени 100 деловни простории кои се наоѓаат во 19 градови во Република Македонија ,со вкупна квадратура од 7.253 м2. Проценетата почетна вредност е некаде над 300 милиони денари“, изјави портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев.

Најголем број деловни простории од првиот пакет, 22, се лоцирани во Скопје. 11 се нудат во Кичево, а 9 во Куманово. Ќе се продаваат и 8 објекти во Тетово, како и 7 во Битола и во Штип. На списокот се наоѓаат деловни простории во уште 13 градови.

Владата смета дека на овој начин на приватниот сектор ќе му се  даде дополнителен поттик за негов раст во дејностите во кои работат компаниите. Според проценките во целиот процес, преку повеќе фази, ќе бидат продадени околу 1.000 единици државен деловен простор, со кој сега стопанисува  државното АД. 

 

Свето Николовски