Тетово спроведува акционен план за намалување на загадувањето

12.02.2015 12:11

Општина Тетово во координација со секторот за внатрешни работи започна со спроведување акционен план за намалување на загадувањето на воздухот. Во низата активности спаѓаат и регулација на сообраќајот, како и зачестени сообраќајни контроли...

Регулирање на сообраќајот е само дел од акциониот план со кој локалната самоуправа и Секторот за внатрешни работи Тетово ќе се обидат да го намалат загадувањето на воздухот во градот.

Акциониот план доаѓа по препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање и одлуките на Советот на општина Тетово.

„Тешките товарни возила, чија последна дестинација не е Тетово, се насочуваат по обиколниот пат. Исто така ќе се продолжи со контроли кај моторните возила за транспорт и снабдување со роба. Тие се задолжени транспортот на роба да го вршат кога фреквенцијата на возила е помала“, изјави Теута Арифи – Градоначалник на о. Тетово.

„Со почитување на одлуките за ограничивање на времето за товар и истовар на стока, барем малку ќе се подобри ситуацијата. Исто така и забраната за движење на автобуси, ако се испочитува од транспортерите, ќе придонесе за подобрување на состојбата“, смета Фаредин Зенуни, началник на СВР Тетово.

Надлежните ги повикаа граѓаните да бидат покоректни и да ги почитуваат мерките. Тие, пак, велат дека загадениот воздух им предизвикува и здравствени проблеми.

„Денеска е добро, но кога има магла не се поминува. Имам проблеми со срцето, децата ни се за никаде, не смееме да ги изнесеме надвор. Солзењето на очите е честа последица од загадениот воздух“, велат жителите на Тетово со кои поразговаравме.

Кога врне дожд или снег концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот се намалува до границите на дозволените 50 микрограми на метар кубен.

Потоа воздухот повторно се загадува, а концентрацијата на прашина се зголемува неколку десеттици пати над дозволеното.

 

Зоран Јованоски