На македонското сточарство му се заканува намалување на сточниот фонд
Во селата се намалува бројот на млади луѓе, на оние кои допрва треба да се занимаваат со сточарство. Трендот на намалување на сточниот фонд би можел да се запре со адекватни проекти за окрупнување, здружување и создавање поголеми фарми...

Намалување на добиточниот фонд му се заканува на македоснкото сточарство, особено во југоистокот. За да продолжи долгогодишната традицијата и да се зачува природното производство, сточарството мора постојано да се развива, велат експертите. Важна е и примената на новите технолошки мерки.
„Треба да се обрне внимание на стручната литература и едукацијата по селата, по луѓето. Правење екипи коишто ќе го контролираат производството од здравствена причина“, вели Ванчо Котев, инженер по сточарство.
Бруцелозата, но и болеста син јазик се главните причинители за намалување на бројот на добиток, децидни се познавачите. Освен тоа, ветеринарите посочуваат дека и незаинтересираноста на младите за сточарство влијае врз замирањето на оваа земјоделска гранка.
„Во селата се намалува бројот млади луѓе. Адекватно на тоа се намалува и бројот на стоката. Но, се надевам дека ќе имаме некакви проекти за окрупнување, здружување и правење поголеми фарми за поголеми агломерации сточен фонд“, вели д-р Боре Стојанов, ветеринар.
Нешто над 34 милиони евра се предвидени за субвенционирање на сточарството во 2015 година. Тоа е за 1,6 милиони евра повеќе во споредба со минатата година. Од Федерацијата на фармери велат дека оваа помош е добредојдена за надминување на неповолните состојби во сточарството.
„По она што се случи со синиот јазик, повеќе од потребно е да му се посвети поголемо внимание на развојот на сточарството“, изјави Никола Стаменов, претседател на Федерација на фармери на РМ.
Инаку близу 102 милиони евра ќе бидат исплатени по основ субвенции на македонските земјоделци за 2015 година, а вкупно со субвенциите наменети за руралниот развој, директната финансиска поддршка годинава за аграрот ќе изнесува 150 милиони евра.
Катерина Давчева
