Потпишан договор за прекин на огнот во Украина
Лично Путин објави пред новинарите дека примирјето почнува в недела...

Дефинитивен договор за прекин на огнот во Украина по маратонските преговори на Нормандиската четворка во Минск. Бунтовничките лидери, откако прво го отфрлија, го потпишаа договорот, врз основа на гаранциите на претседателите на Русија, Германија и на Франција. Лично Путин објави пред новинарите дека примирјето почнува в недела.
„Преговаравме толку долго бидејќи Киев одбива директен контакт со лидерите на Доњецката и Луганската република. Иако не се признаени, треба да ја земеме предвид реалноста. Ако сите сакаме да градиме долгорочни односи, мора да има директен контакт“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
„Ни претставија повеќе неприфатливи ултиматуми да се повлечеме или да се предадеме. Не се согласивме на ниеден и инсистиравме прекинот на огнот да биде безусловен“, рече претседателот на Украина, Петро Порошенко.
Шефот на Доњецката народна република Захарченко изјави дека „ако бидат прекршени условите, нема да има нови средби ниту меморандуми“. Уште една голема вест е најавата на Порошенко дека во наредните 19 дена ќе бидат ослободени сите „заложници“. Со мировниот договор, Украина ја враќа контролата над границата со Русија, а бунтовничките провинции ќе добијат специјален статус. Сепаратистите ќе се повлечат на линијата на разграничување од септември, во наредните 14 дена ќе се создаде демилитаризирана зона од 50 километри за лесната и 70 километри за тешката артилерија, заминуваат странските трупи и пратениците. Прекинот на огнот ќе го следи ОБСЕ со дронови. Непосредно пред договорот, ММФ и понуди на Украина 17,5 милијарди долари помош за санација и стабилизација.
„Целиот пакет, во период од 4 години ќе достигне сума од 40 милијарди долари“, изјави Кристин Лагард, директорка на ММФ.
Путин, Порошенко, Меркел и Оланд потпишаа заедничка декларација за успехот, но изјавија дека останува уште многу работа. Новиот договор од Минск, според експертите, дава надеж за деескалација, иако ќе бидат потребни големи напори да се врати довербата меѓу засегнатите страни.
Ивана Салтировска
