Промовирани нови 40 наслови на аудио книги за лица со оштетен вид

12.02.2015 14:10

Овој проект беше инициран од големата потреба за оформување на фонд за аудио книги и дека со неговата реализација се отпочна минатата година, а оваа се продолжува со интензивно темпо...

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и претседателот на Националниот сојуз на слепи лица, Жарко Селковски промовираа нови 40 наслови на аудио книги од Проектот „400 Аудио книги за лица со оштетен вид“.

„Слепите и слабовидните  лица и деца ги имаат истите потреби како и лицата кои гледаат, ги поседуваат истите вештини и можат да дадат многу во сите текови на општествениот живот. Како ресорен министер, не само што чувствувам должност туку ми е чест да ги подржувам во сите нивни настојувања. Со Националниот сојуз имаме интензивна комуникација и соработка која вродува со бројни иницијативи и проекти“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.  

Овој проект беше инициран од големата потреба за оформување на фонд за аудио книги и дека со неговата реализација се отпочна минатата година, а оваа се продолжува со интензивно темпо.

„Користевме и искуства од соседството во делот на доближување на книгата до слепите лица. Досега на располагање ставивме 40 четириесет наслови на аудио записи во септември минатата година кои Македонското радио-радио Скопје ги отстапи  за потребите на слепите лица. Со овие нови 40 наслови или вкупно 80 во изминативе 6 месеци дополнително го зголемуваме фондот на аудио книги“, потенцира министерот Спасов.

Во новите наслови застапени се дела од македонски и странски автори наменети за деца и младинци, и тоа раскази, романи, поезија, песни, приказни итн. До крајот на март ќе бидат снимени уште 60 книги, и исто така во март ќе биде распишана јавна набавка за снимање на уште 200 книги.

Промовираните наслови ќе бидат достапни во НУБ Св.Климент Охридски во Скопје, во Одделението за слепи и слабовидни лица. Аудио книгите ќе бидат достапни и во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид, и во Националниот сојуз на слепи лица.