Министерот Попоски се сретна со новиот амбасадор на САД, Џес Бејли
Соговорниците изразија задоволство од исклучително успешниот досегашен развој на односите меѓу двете држави, базирани на традиционално пријателство и сојузништво, согласно билатералната Декларација за стратегиско партнерство и соработка, потпишана во мај 2008 година...

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денес го прими новоименуваниот амбасадор на САД во Република Македонија, Џес Бејли, кој му ги предаде копиите на акредитивните писма за неговото именување, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Соговорниците изразија задоволство од исклучително успешниот досегашен развој на односите меѓу двете држави, базирани на традиционално пријателство и сојузништво, согласно билатералната Декларација за стратегиско партнерство и соработка, потпишана во мај 2008 година.
При тоа, взаемно беше истакнат интересот за натамошното сèвкупно продлабочување и унапредување на билатералната соработка во повеќе области од заемен интерес, особено на економски план и привлекување на нови директни американски инвестиции во Република Македонија.
На амбасадорот Бејли му беа пренесени заложбите кои Владата на Република Македонија и нејзините институции ги прават во насока на интегрирање на земјата во полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Беше посебно нагласено дека членството на нашата држава во овие структури останува врвен приоритет на надворешната политика на македонската Влада.
Во рамките на успешната соработка со САД на одбранбен план, министерот Попоски ја подвлече подготвеноста за натамошна соработка, како континуитет на досегашниот придонес на Република Македонија во меѓународните мировни мисии.
