Вардар го победи Монпеље во „Јане Сандански“
Во натпреварот со најтрофејниот француски клуб Вардарци влегоа со амбиции да победат и да останат на втората позиција во пресрет на последното коло.

Во натпреварот со најтрофејниот француски клуб Вардарци влегоа со амбиции да победат и да останат на втората позиција во пресрет на последното коло. На крајот славеа со 30 : 26 во меч кој изобилуваше со атрактивни моменти, во кој освен во воведните три минути „црвено црните“ постојано го контролираа резултатот. Монпеље имаше идентична цел, со победа да се избори за што подобра позиција за нокаут фазата, но освен на почетокот, постојано бркаа негатива. Првиот исчекор Вардар го направи кон средината на полувремето кога поведе со 4 разлика 11 : 7, а до паузата успеаја да го зголемат водството на 18 : 13. Сите линии функционираа беспрекорно, а головите паѓаа и од бековските и од крилните и од 6 метри, при што најдобар беше Дибиров со 8 погодоци.
Највисокото водство беше на стартот од вториот дел 19 : 13, но Французите со три гола ја преполовија разликата. Интензитетот на играта кулминира во средината на вториот дел, кога и двата тима го подигнаа нивото а Монпеље на двапати дојде до два разлика, последен пат 26 : 24. Тогаш на сцена стапи голманот Штербик со неколку бравурозни одбрани, а во транзиција вардарци казнуваа за 29 : 24, што беше вовед во помирна завршница. До крајот 6 илјадната публика уживаше во мајсториите на врвните ракометни асови, што заврши со 6 победа сезонава за македонскиот репрезент. Најефикасен на мечот беше Тимур Дибиров со 12 погодоци од кои 7 од исто толку обиди од пенал, а кај гостите двојно помалку постигна Драган Гајиќ, најдобриот стрелец на мундијалот во Катар. Следната сабота Вардар му гостува на Рајн Некар Левен, директниот конкурент за второто место во групата.
