МЗТ Скопје Аеродром пред ново искушение во АБА Лигата
Против Игокеа, за победнички влез во најтешката недела

На пет кола до крајот на сезоната во АБА Лигата, МЗТ Скопје многу малку може да влијае на конечниот пласман во третото учество во регионалното кошаркарско натпреварување. Моменталниот поредок и изгледот на долниот дел на табелата се такви што македонскиот првак секако како ќе има најлош биланс, дури и да ги добие сите натпревари до крајот.
Без оглед што можеби уште од поодамна генералниот впечаток е дека ова е на некој начин загубена АБА сезона, не се мали мотивите пред „аеродромци“ пред вечерашниот натпревар со Игокеа од 22-то коло. Нашиот тим е во серија од четири порази по ред, се радуваа само на шест меча од октомври досега, неколку пати сериозно ги разочараа приврзаниците на домашен паркет, во новата арена забележаа само четири победи и поради сето тоа заедно со денешниот ривал се на делба на претпоследното место на табелата. Под нив се наоѓа единствено Левски.
Во една таква ситуација, победа или пораз против Игокеа можеби е сеедно, но само ако површно се гледа на околностите во коишто се наоѓа МЗТ. Македонскиот шампион со овој дуел влегува во исклучително важна седмица којашто може да му ја определи успешноста на целата сезона. В среда го очекува меѓусебниот двобој со Работнички од домашниот шампионат, којшто не смее да го загуби бидејќи и во прволигашката конкуренција веќе има три порази. Наредниот викенд е домаќин на завршниот турнир на националниот куп, на којшто за првиот трофеј сезонава многу е веројатно да се бори со вечниот кошаркарски ривал. Сето тоа значи дека претстојните седум-осум дена можат да бидат од круцијално значење за МЗТ и оттаму насушната потреба во нив да се влезе со победничко расположение, а тоа е можно само со полн погодок вечер против единствениот босански репрезент во АБА друштвото.
На 22 ноември во Лакташи, нашиот тим славеше со 76-61. Дамјан Стојановски тогаш беше лидер и главен креатор на првиот гостински триумф во сезоната. Поради повреда него од поддамна го нема, екипите имаат доста кадровски промени, а не е сменето само едно нешто – Игокеа нема ниту еден успех на туѓ терен. Хејслип и Џонс се носители на нејзината игра и вечер ќе биде клучно тие да бидат затворени. Тоа ќе биде задача на надворешните играчи на МЗТ, коишто ќе мора да ја зајакнат играта во одбраната и да му помогнат на Самарџиски. Од него, пак, се очекува дека налик на понеделничкото издание против Металац во Ваљево, ќе има апсолутна доминација во рекетот, под обрачите.
Преносот од натпреварот МЗТ Скопје-Игокеа е од 19 часот на Собранискиот Сервис.
