Египетската војска гранатира цели на ИДИЛ

16.02.2015 13:13

Претседателот Ал Сиси по средбата со државниот врв најави радикална борба и ги повика граѓаните да не патуваат во Либија...

Египетската влада жестоко одговори  на масакрот на џихадистите од исламска држава. Воено воздухопловство гранатира тренинг центри и складишта за оружје.  Реакцијата следи откако вчера џихадистите објавија видео со наслов „Порака напишана со крв за следбениците на крстот“, по што следеше егзекуцијата на египетските копти. 

Претседателот Ал Сиси по средбата со државниот врв најави радикална борба и ги повика граѓаните да не патуваат во Либија.

„Египет има полно право во соодветно време и на соодветен начин да се одмазди на извршителите   на ова свирепо убиство“, нагласи Абдел Фатах Ал Сиси, претседател на Египет.

Во земјата е прогласена седумдневна жалост.

„Ова е терористички напад од луѓе кои немаат никаква врска со религијата. Она што се случи синоќа го остави цел народ без спиење и не направи многу  нервозни“, вели Мохсен Али, жител на Каиро.

„Ова е срам за цел муслимански народ и за арапските земји, ова што се случува е наметнато од странски  земји“, смета Мохамед Вагду.

Исламската организација Ал Захар го осуди варварското убиство со порака дека тој чин нема никаква врска со религијата. И Белата куќа реагираше за масовната егзекуција и повика на политичко решение во земјата, додека јапонската влада вети донација од 15 милиони долари за борбата против Исламска држава.

 

Марија Петковска