МЗТ Скопје се пренасочува на домашната сцена
Синоќешниот натпревар со Игокеа требаше да му даде победнички залет, но со болен неуспех проголта уште една горка пилула, којашто може да му го искомпликува претстојниот најчувствителен период од сезоната...

Третата сезона во АБА бргу ќе падне во заборав. МЗТ Скопје Аеродром ќе ги доигра завршните четири кола, но мислите ќе ги пренасочи дома, каде што го чекова борба на два фронта. Синоќешниот натпревар со Игокеа требаше да му даде победнички залет, но со болен неуспех проголта уште една горка пилула, којашто може да му го искомпликува претстојниот најчувствителен период од сезоната.
„Не знам зошто, но МЗТ досега сезонава го нема почувствувано изразот „домашен терен“. Петте лични грешки на Самарџиски му ги досудија за само 13 минути, три од нив беа во напад. Поради фаули, клучните играчи беа надвор во периодот кога се решаваше натпреварот. Тоа не чинеше пораз“, рече по мечот тренерот на „аеродромци“ Александар Јончевски.
За наивноста со којашто МЗТ несфатливо прокоцка предност од 15 поени и одново ја разочара домашната публика, тренерот побара причина во надворешен фактор. И самиот веројатно свесен оти тоа е само дел од приказната, барем е реален во однос на шна што му претстои.
„Секаков пораз негативно влијае на екипата. Овој е веќе минато, се насочуваме кон натпреварот со Работнички в среда и потоа на оној со Кожув во полуфиналето на Купот“, изјави Јончевски.
В среда од 18.30 часот, со пренос на Собраниски, новото големо дерби на мак-баскетот МЗТ Скопје Аеродром-Работнички. а потоа в сабота и недела пред камерите на Јавниот сервис и завршните борби од Купот на Македонија.
