Заедничката владина седница меѓу Македонија и Србија потврда за одличните односи

16.02.2015 15:22

Премиерите на Македонија и Србија се согласни дека дека одличните политички односи даваат стабилна основа за натамошна надградба на економската соработка и просперитет...

Во Скопје заврши заедничката седница на владите на Македонија и на Србија со која претседаваа премиерите Никола Груевски и Александар Вучиќ.

„Македонија и Србија се пријателски земји. Се согласивме дека одличните политички односи даваат стабилна основа за натамошна надградба на економската соработка и просперитет, што е приоритет на двете влади. Заеднички е заклучокот дека подобро економско поврзување може да се оствари преку реализација на конкретни проекти, инфраструктурно и енергетско поврзување, како и преку стимулирање на трговската размена, инвестиции и заеднички настап на трети пазари“, изјави премиерот Груевски на прес конференцијата.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ смета дека денешната заедничка седница на двете влади е поуспешна од првата одржана во Белград затоа што, имале можност некои работи да ги конкретизираат.

Ние учиме и прифаќаме од сето она што се случува во Македонија. Ние не се срамиме, напротив сме горди на тоа. Сите паметни луѓе учат од сите оние за кои сметаат дека од нив можат да научат, а ние многу учиме од нашите македонски колеги. Се надевам дека и тие од нас ќе имаат можност некогаш да научат нешто“нагласи Вучиќ.

Денеска беа потпишани седум документи меѓу владите на двете земји за соработка во економијата, туризмот, железничкиот сообраќај, образованието, заштита на животната средина, културата и за надворешна политика.

Ова беше втора заедничка седница на двете влади. Првата беше одржана на 3-ти јуни 2013 година во Белград.

Српскиот премиер Вучиќ ќе се сретне и со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Освен со Србија, владата на Македонија досега има одржано заедничка седница и со владата на Бугарија, на 28-ми јули 2013 година во Ќустендил, а иницијативи за одржување меѓувладини седници има и со Албанија и со Косово.