Кошарка НБА

Западот подобар од Истокот со 163 : 158 во најефикасниот “Ол старс“ меч, Вестбрук МВП со 41 поен

16.02.2015 15:25

Во магичната вечер на звезденото небо над Њујорк најсјајно блескаше Вестбрук, кој го подигна пехарот како најкорисен играч со 41 поен, 5 скока и 3 украдени топки...

Спектакуларното 64-то соочување на НБА звездите во Медисон Сквер Гарден понуди ретко видено шоу со изобилство на атракции, зачинети со неколку рекордни остварувања. Почна со историското потфрлување во кое се соочија Пау и Марк Гасол, првиот братски тандем стартни центри во “Ол старс“ мечевите. Продолжи со 27 поени на Расел Вестбрук, рекордниво едно полувреме и водство на “гостите“ од 83 : 82, што беше најаваза најефикасниот меч во историјата. Во крајно неизвесна завршница Западот триумфира со 163 : 158  а што на двете страни беа постигнати вкупно 321 постигнат поен, што е рекордна ефикасност на “ол стар“ мечевите во кои 5 пати досега беше надминувана границата од 300 поени.

Во магичната вечер на звезденото небо над Њујорк најсјајно блескаше Вестбрук, кој го подигна пехарот како најкорисен играч со 41 поен, 5 скока и 3 украдени топки. Бекот на Оклахома го надмина Мајкл Џордан од 1988 за еден поен и му недостасуваше уште еден да го израмни 53 години стариот рекорд на легендарниот Вилт Чембрлен. Кај Истокот Леброн Џејмс постигна 30 поени со кои дојде до 278 на “ол стар“ дуелите со што го мина Џордан и сега пред него на вечната листа е само Коби Брајант со 280, кој го пропушти шоуто во кое беше избран по 17 пат.Од редовните учесници на овој спектакл Данкан го одбележа 15, а Новицки својот 13 “ол стар“настап. Победата на западните звезди во “големото јаболко“е четврта во последните 5 сезони иако и натаму во односот на победи и порази, сеуште истокот убедливо води со 37 : 27.