Екстерното тестирање без проблеми во Струмица и Куманово
Екстерното тестирање на учениците почна денеска – во Струмица полагаат средношколците од училиштето „Димитар Влахов“, а паралелно се одржуваше и дополнително тестирање. Во Куманово пак оваа недела ќе се полага во пет средни училишта...

144 средношколци од завршните години од Средното општинско училиште „Димитар Влахов“ од Струмица, денеска полагаа екстерен испит. Тестирањето почна во 9.30, заврши час подоцна и помина без проблеми, вели директорот Димитар Ѓоргиев.
„Да имаше и набљудувачи, едниот беше од Скопје, едниот од тука. Тестирањето помина во најдобар ред, немавме отсутни ученици“, изјави Димитар Горгиев, директор на СОУ „Димитар Влахов“, Струмица.
Дополнително екстерно тестирање полагаа и десетина ученици од струмичкото Средното општинско училиште „Никола Карев“. И во Куманово во петте средни училишта наредниве четири денови екстерна проверка на знаењето ќе полагаат околу илјада средношколци.
„Прашањата воопшто не беа тешки... Полагаме моделирање, не беа многу тешки прашањата... Малку е нелогично да се одговорат 30 прашања математика за еден час“, велат дел од средношколците.
Директорката на средното стручно училиште „Перо Наков“, Лидија Тасевска, вели дека школото ги има сите услови за нормално одвивање на екстерното.
„Ова училиште има одлични технички услови за екстерно тестирање. Имаме седум кабинети опремени со компјутери од кои пет се користат за тестирањето кое се спроведува денеска“, вели Тасевска.
Со овој циклус на екстерно тестирање се опфатени средношколците кои не полагаа во јануарскиот термин. Резултатите од есктерното ќе бидат објавени на 23-ти февруари 2015 година.
Катерина Давчева
