Случај „Пуч“: Премиерот Груевски со коментар за објавените материјали

16.02.2015 16:25

„Техничка влада не прифаќам, објави се што имаш“ - му порачал премиерот на лидерот на СДСМ на една од нивните средби. Груевски вели дека Заев лично го информирал дека до материјалите дошол во соработка со странски разузнавачки служби...

Не прифатив формирање на техничка влада и го замолив Заев да објави се што има и сака во врска со материјалите кои ги поседува- изјави премиерот Никола Груевски на прес- конференција  по средбата со српскиот колега Вучиќ.

Рече дека тој со лидерот на опозицијата имал четири средби на кои Заев го информирал дека поседува материјали кои би ги објавил ако не биде формирана техничка влада.

„Имав прес конференција на којашто најавив дека следува период во којшто ќе има ваков вид на работи, затоа што претходно имав четири средби со г-динот Зоран Заев на коишто тој ме информираше дека во соработка со странски разузнавачки служби дошол до материјали, прибавил материјали, кои што има намера да ги објавува доколку не му овозможиме формирање на теничка Влада, нешто што јас не го прифатив како услов, односно го одбив и го замолив се што има и што сака да објави- слободно да го објави“, нагласи Груевски.

Груевски најави дека во периодот што следува ќе излезе со поконкретни коментари.

 

Миле А. Ристески