Вучиќ: Имаме многу да учиме од Македонија, особено во делот на економијата

16.02.2015 16:45

„Србија учи од Македонија, особено во делот на економијата и привлекувањето странски инвестиции“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ по заедничката седница. Потпишани се седум документи за соработка...

„Србија има од кого да учи!“- српскиот премиер Александар Вучиќ призна дека неговата земја го пресликувала македонскиот модел за да привлече повеќе инвестиции. Гостинот од Србија ги акцнтира реформите што се спроведуваат во земјава, особено во областа на економијата. Задоволен е од заеднички одржаната владина седница, вели, поуспешна е од онаа во 2013-та одржана во Белград.

„Ние учиме и прифаќаме од сето она што се случува во Македонија. Ние не се срамиме, напротив сме горди на тоа. Сите паметни луѓе учат од сите оние за кои сметаат дека од нив можат да научат, а ние многу учиме од нашите македонски колеги. Се надевам дека и тие од нас ќе имаат можност некогаш да научат нешто“, нагласи Вучиќ.

Втората заедничка седница на двете влади е доказ дека постои континуитет во градењето на добрите односи, истакна премиерот Никола Груевски на прес конференцијата. Додаде дека со неговиот колега во целочасовниот разговор, нашле заеднички интереси во сите сфери.

„Заеднички е заклучокот дека подобро економско поврзување може да се оствари преку реализација на конкретни проекти, инфраструктурно и енергетско поврзување, како и преку стимулирање на трговската размена, инвестиции и заеднички настап на трети пазари“, изјави премиерот Груевски.

Како доказ за плодните дискусии и согласувања, министрите на двете влади потпишаа седум документи од различни сектори за зацврстување на одличните односи меѓу Македонија и Србија.

 

Катерина Топалова