Ракомет - Лига на шампиони

Лазаров и Дибиров голгетерски лидери!

16.02.2015 17:58

Во кариерата, Лазаров двапати беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите, сезонава пак, со петте гола во победата на Барселона против Копенхаген, македонскиот репрезентативен капитен води на листата на стрелците со 69 погодоци...

Ракометната Лига на шампионите и оваа сезона има македонски шмек. И овојпат меѓу елитата, Кире Лазаров стандардно е во конкуренција за прв стрелец, додека најдобриот играч на Вардар, Тимур Дибиров со блескавите партии често е во идеалниот тим на колото.

Во кариерата, Лазаров двапати беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите, сезонава пак, со петте гола во победата на Барселона против Копенхаген, македонскиот репрезентативен капитен води на листата на стрелците со 69 погодоци. Шест помалку имаат Дибиров и Србинот во дресот на Веспрем, Момир Илиќ кој минатата сезона беше најпрецизен.

Затоа пак, левото крило на Вардар, Дибиров кој во триумфот на црвено – црните против Монпелје вгради 12 гола, третпат сезонава е во најдобрата седумка на колото, овојпат на деветото.

Со него се и десното крило, Русинот Дмитри Ковалев од Чеховски медведи, левиот бек од украински Мотор Запорожје, Сергеј Бурка, потоа Данецот од Пари Сен Жермен, Микаел Хансен на позицијата централен бек, Швеѓанецот од Фленсбург, Јохан Јакобсон како десен бек и Шпанците кои играат во полските екипи, Хулен Агинагалде, пивотменот на Киелце и голманот на Висла, Родриго Коралес.