Самит против насилниот екстремизам во Вашингтон
По терористичките напади во Франција, Белгија и во Данска, светските лидери се собраа во Вашингтон на Самит во организација на американскиот претседател Барак Обама, за усогласување на напорите за борба против насилниот екстремизам во светот. Претставници на околу 60 држави меѓу кои и од Македонија треба да подготват заедничка стратегија за спречување на терористички напади и нивното финансирање...

Меѓународен напор за спречување на екстремистите и нивните поддржувачи да радикализираат, регрутираат и инспирираат луѓе и групи за изведување на терористички напади во светот, ова е целта на Самитот против насилниот екстремизам на Белата куќа во Вашингтон. На Самитот ќе се обратат американскиот претседател Барак Обама, државниот секретар Џон Кери и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки- Мун.
„Самитот ќе се фокусира на разни прашања. Во моментов имаме повеќе антитерористички програми низ светот за соработка со локалните власти за откривање на луѓе коишто можат да станат насилни и како тоа да се направи пред нешто да преземат. Како локалните власти, верски лидери и луѓе да се вклучат во оваа борба за спречување на екстремизмот, но и за справување со причините коишто ги привлекуваат луѓето кон терористичките групи“, изјави Мари Харф, заменик портпарол на Стејт Департмент.
На Самитот организиран по иницијатива на американскиот претседател Барак Обама ќе учествуваат високи претставници од 60-тина држави кои се дел од антитерористичката коалиција, меѓу коими министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкуловска.
Антитерористичката коалиција беше формирана на Генералното собрание на Обединетите нации во септември во Њујорк.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
