Хан: Сите политички прашања да се решаваат во Парламентот
Како што соопштува Кабинетот на претседателот Иванов, на средбата со еврокомесарот Хан било разговарано за интеграцискиот процес на Република Македонија во Европската унија, за унапредувањето на добрососедските односи, како и за актуелните случувања во земјава...

Опозицијата да се врати во парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања, порачал еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, на средбата со претседателот Иванов.
Како што соопштува Кабинетот на претседателот Иванов, на средбата било разговарано за интеграцискиот процес на Република Македонија во Европската унија, за унапредувањето на добрососедските односи, како и за актуелните случувања во земјава.
„Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во парламентот, а не надвор од парламентот. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба“, потенцирал Хан.
Претседателот Иванов истакнал дека нашата држава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека е потребно Европскиот Совет да ги согледа последиците од моменталната статус кво состојба и да најде начин за валоризација на позитивните препораки од Европската Комисија.
Во тој контекст, македонскиот претседател побара поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан, и укажа дека предолгото чекање за следниот исчекор во евроатлантските интеграции, предизвикува фрустрации во нашето општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи.
„Позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики, треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед”, рече претседателот Иванов.
Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порача политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.
„Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството, и истите мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог. Како Претседател давам целосна поддршка за ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела“, истакна македонскиот претседател.
Комесарот Хан, изрази надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.
