Челзи кај ПСЖ, Баерн кај Шахтјор
На „Паркот на принцовите“ ќе истрчаат знаејќи дека Пари Сен Жермен е непоразен на последните 32 европски средби на свој терен, со 22 победи и 10 ремија. Но, математички адут има и стратегот на Челзи. На 15 меча со француски клубови, Мурињо има само еден пораз – 11 победи и три нерешени...

По двоиполмесечна пауза, време е за вистинското во европскиот фудбал. Почнува нокаут-фазата во елитната конкуренција. Од осминафиналето, на менито вечер се два дуела. Челзи доаѓа на „Паркот на принцовите“ кај Пари Сен Жермен, а Баерн му гостува на Шахтјор.
Без пораз и со 17 дадени гола, Челзи како најефикасен ја мина групната фаза. Сега влегува во делот од авантурата за којшто Жозе Мурињо е специјалист, нокаут-сегментот. Спокојни како лидери во домашното првенство, очекувајќи го финалето во Лига Купот, „сините“ можат целосно да се посветат на шампионската лига.
На „Паркот на принцовите“ ќе истрчаат знаејќи дека Пари Сен Жермен е непоразен на последните 32 европски средби на свој терен, со 22 победи и 10 ремија. Но, математички адут има и стратегот на Челзи. На 15 меча со француски клубови, Мурињо има само еден пораз – 11 победи и три нерешени.
Ланското четвртфинале Челзи го доби откако дури во финишот од реваншот надомести непријатни 3-1 од Париз. Овој пат сака подобар резултат пред реваншот во Лондон.
Диего Коста одморен ќе биде во стартниот тим. Отсуството на Оби Микел е неважно, но неизвесен е настапот на Оскар. Ако не биде подготвен, Фабрегас ќе заигра како полушпиц, а Рамирес повлечен дефанзивен. Мурињо не открива дали пак ќе му даде шанса на Зума место Кејхил и на Чех место Куртоа.
На цврстата одбрана и на опасните полуконтри, ПСЖ ќе мора да одговори со поголем ризик. Тоа само по себе е голем проблем, со оглед дека ќе мора без повредените Лукас, Кабај, Орие и Мота. Добра вест за Лоран Блан е само враќањето на Пасторе. Нападот на „светците“ ќе го предводи Кавани, а Ибрахимовиќ ќе има нешто поповлечена улога, со задачи и во одбраната.
Во вториот меч, Баерн во Лвов ќе му гостува на Шахтјор. Долга е паузата во украинската лига, поради војната клубот одамна е далеку од својот град, а недостигот од натпревари ќе биде главен хендикеп на рударите. И додека Шахтјор нема официјален настап уште од 10 декември, Баерн веќе одигра четири меча во Бундес Лигата, при што саботната победата од 8-0 над Хамбургер го прави фаворит пред ова соочување.
И без повредените Лам, Алкантара и Хави Мартинез, со недозалечениот Алонсо, но со опоравените Рибери и Рафиња покрај Робен, Левандовски и Милер, германскиот гигант е машина за голови. Во домашниот состав ќе ги нема Степаненко и Бернард.
Како тренер на Барселона, Пеп Гвардиола имаше доста мака со тимот на Мирчеа Луческу, но овој пат Баерн изгледа дека е најмалку за класа над Шахтјор.
