„Руска ноќ“ со Македонската филхармонија

17.02.2015 13:45

Како солист на виолончело ќе се претстави реномираната Маја Богдановиќ од Белград, за чии перформанси критиката е едногласна дека поседуваат исклучителна звучна убавина...

Во четврток во Македонскиот народен театар во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под палката на српскиот диригент со светска слава, Владимир Куленовиќ, кого публиката го нарече „принц на Србија во музиката“.

Како солист на виолончело ќе се претстави реномираната Маја Богдановиќ од Белград, за чии перформанси критиката е едногласна дека поседуваат исклучителна звучна убавина. Богдановиќ ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр.1 од рускиот великан Дмитриј Шостакович, кој се смета за едно од најтешките дела за овој инструмент.

Оркестарот на Македонската филхармонија на концертот кој носи наслов „Руска ноќ“, ќе ги изведе и увертирата од операта „Царска невеста“ од Николај Римски Корсаков, како и прекрасната „Жар-птица“ од Игор Стравински, уште двајца врвни автори кои доаѓаат од лулката на класичната музика, Русија.
На концертот премиерно ќе прозвучи и делото „Горе и Долу“ - три слики од „Книга на промени“, на македонскиот композитор Владимир Николов, композиција инспирирана од поширокото толкување на класичното кинеско дело „Ји Џинг“.

Инаку, композицијата на Николов е минатогодишен победник на анонимниот конкурс за избор на оркестарско дело што го објави Сојузот на композиторите на Македонија.