Хан: ЕП е подготвен да посредува за надминување на актуелната состојба

17.02.2015 13:55

На средбата Вељаноски и Хан разговарале за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија, за актуелните случувања во државата и тековните активности на Собранието на Република Македонија...

Комесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан на средбата со претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, истакнал дека неговата денешна посета е со цел да се нагласи заинтересираноста на Европската унија и нејзините институции за што поскоро надминување на моменталните несогласувања настанати на политичко ниво.

Комесарот потенцирал дека Европскиот парламент е спремен да помогне со свое надворешно посредување доколку тоа би придонело во надминување на актуелната состојба, соопштуваат од Кабинетот на Вељаноски.

На средбата Вељаноски и Хан разговарале за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија, за актуелните случувања во државата и тековните активности на Собранието на Република Македонија.

Претседателот Вељаноски посочи дека можеби доколку се одржи заедничка средба на македонските политички партии заедно со сестринските европски партии ќе почне полека да се работи на враќање на довербата помеѓу нив, што е основа за понатамошниот дијалог и надминување на несогласувањата.

Двајцата соговорници се согласиле дека работата на Собранието и неговиот придонес во функционирањето на една држава е од исклучително значење од што произлегува потребата тоа да работи со полн капацитет.

Претседателот Вељаноски истакнал дека досега сите пратеници заеднички работеле за постојано зајакнување на капацитетите на Собранието, за што секоја година Собранието на Република Македонија добива позитивна оценка во Извештајот на Европската унија. Претседателот Вељаноски уште еднаш изрази надеж дека опозицијата ќе прифати да се врати и конструктивно да учествува во работата на Собранието.

Комесарот Хан нагласил дека во едно зрело демократско општество дебатата треба да се одвива во парлементот, бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент да се изразат мислењата и ставовите. Тој истакна дека очекува сите политички партии да придонесат во приближувањето на различните ставови и се надева дека опозицијата ќе се приклучи во работата на Собранието.

На крајот на средбата двајцата соговорници изразиле надеж дека денешната посета и средбите на комесарот со сите засегнати фактори ќе бидат поттикнувачки импут во подобрување на политичката клима во државата.