Нови 30 вработувања за децата без родители и родителска грижа

17.02.2015 14:38

До 4-ти март ќе трае јавниот оглас за вработување на 30 деца без родители и без родителска грижа...

Силвана Ивановска и Даниел Михајловски како штитеници на СОС Детското село, преку програмата Д-10 на Министерството за труд и социјална политика, веќе две години се вработени во Министерствата за надворешни работи и за финансии.

Не го кријат задоволството, истакнувајќи дека се чувствуваат самостојно и независно и се надеваат за нивно понатамошно напредување во животот.

„Сакам да укажам на важноста на оваа програма и благодарност на Министерството за труд и соцјална политика и Владата на Република Македонија, што изнајдоа начин како да го решат проблемот на децата без родители“, вели Силвана Ивановска.

„Сметам дека со тек на време треба да ни се даде шанса за да напредуваме понатаму во кариерата според образованиет“, додава Даниел Михајловски.

Нови вработувања на деца од СОС Детското село се очекуваат и со новиот оглас на Министерството за труд и социјална политика.

„На овој начин се јакне самодовербата кај овие младинци. Тие се вработени, имаат свој приход, а тоа оди кон патот на нивната независност“, изјави Виолета Георгиевска,  раководител на СОС Детско село.

„Со една ваква поддршка, една ваква иницијатива, ќе  можат да бидат успешни млади луѓе и да се интегрираат соодветно во заедницата“, смета Јулијана Гапо, извршен директор на СОС Детско село.

До 4-ти март ќе трае јавниот оглас за вработување на 30 деца без родители и без родителска грижа.

„Сите оние кои што се заинтересирани и кои што немаат редовно работно место можат да аплицираат, а биле деца без родители и родителска грижа до 18 години и се во оваа категорија на лица. Исто така би сакал да потенцирам дека оваа програма се реализира од 2013 година“, нагласи министерот за труд и соцјална политика, Диме Спасов.  

За реализација на овој оглас се издвоени 250.000 денари, а 34 милиони денари за вкупниот проект Д- 10 за вработување на 148 лица без родители и без родителска грижа.

 

Билјана Јанакисека