МРТ и РТЦГ ја унапредуваат соработката

17.02.2015 14:55

Националните сервиси ќе разменуваат програми, документарци, вести, ќе креираат заедничка продукција и учествуво на фестивали. Меморандумот за соработка потпишан од челниците на двете медиумски куќи, треба да го зголеми меѓусебното разбирање меѓу двата народа...

Црногорците ќе ја гледаат програмата на МРТВ, а Македонците ќе ги следат најновите ТВ и радио содржини од Црна Гора. Националните сервиси ќе разменуваат програми, документарци, вести, ќе креираат заедничка продукција и учествуво на фестивали. Меморандумот за соработка потпишан од челниците на двете медиумски куќи, треба да го зголеми меѓусебното разбирање меѓу двата народа.

„Со денешново потпишување ќе отпочне еден нов процес на поконкретна соработка. Добрите односи кои што постојат помеѓу нашите две држави, помеѓу нашите два народа, ќе можеме подобро да им ги претставиме на граѓаните и во Црна Гора и во Македонија“, изјави генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски.

„Мислам дека идејата за соработка треба да ги зближи граѓаните на сите држави на просторот на поранешна Југославија, затоа што новите генерации не го паметат тоа време. Треба да се обноват економските, културните и туристичките врски меѓу земјите, а во тоа голема улога играат јавните сервиси“, изјави генералниот директор на РТЦГ, Раде Војводиќ.

И Црногорскиот амбасадор во земјава смета дека соработката меѓу јавните сервиси е од особено значење, бидејќи тие имаат мисија да ги зближат народите. Според Предраг Митровиќ, Македонската и Црногорската радио телевизија можат да помогнат во меѓусебната промоција во полето на економијата, која е од особено важост за развој на двете земји.

„Навистина ме радува денешната соработка. Ова е уште една потврда дека нашите држави немаат отворени прашања, нешто што е наша обврска за да разменуваме информации. Па така јавниот сервис на Македонија да биде поприсутен во Црна Гора и обратно, тоа треба јавноста да го види, односно граѓаните од двете земји да видат што се случува во Македонија и во Црна Гора“, нагласи црногорскиот амбасадор во земјава, Предраг Митровиќ.

Освен програма, двете медиумски куќи ќе разменуваат и кадар. Се што ќе направат заеднички ќе се емитува на МРТВ и на РТЦГ. 

 

Викторија Тодоровска