Дуке Бојаџиев и Македонската филхармонија ќе настапат во „Карнеги Хол“

17.02.2015 15:14

Ќе изведат фрагменти од филмска музика и албумските композиции со нота на класика и изворна музика...

Звуците од филмовите „До Балчак“, „Сенки“, „Војната заврши“, ќе одекнат во престижниот „Карнеги Хол“. Ќе настапат Македонската филхармонија и познатиот музичар и композитор Дуке Бојаџиев.

Ќе изведат фрагменти од филмска музика и албумските композиции со нота на класика и изворна музика.

„Јас кога се развивав како музичар не можев ни да замислам што ќе ми значеше некој да ме подджеше да одам да го видам само Њујорк“, изјави композиторот Дуке Бојаџиев.

Њујоршката елитна музичка сцена заедно со камерниот оркестар на Македонската филхармонија ветуваат успешно презентирање на нашата уметност во светот и концерт за паметење.

„Тоа е од големо значење за сите граѓани на Република Македонија, бидејќи до пред пет или штст години многу луѓе не знаеја дека постои Македонска филхармонија, а сега Македонската филхармонија има централно место во поглед на музичката уметност“, изјави директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ.

Композиторот Дуке Бојаџиев ќе се вклучи и во одбележувањето на чествувањето на Св. Кирил во Рим оваа година.

„Сметаме дека е од огромно значење за Македонија, токму во Рим кога е и самото чествување, да имаме и една богата промоција на македонската култура, а тоа претходниве години го правиме во таа насока“, нагласи министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Продолжува  поддршката на нашите уметници што живеат во странство и  ја промовираат Македонија пред светската публика.

 

Александра Перевска