Поддршка за компаниите преку Фондот за иновации

17.02.2015 16:19

Обезбедени се повеќе од 2 милиона евра за финансирање на иновативни проекти. Секоја компанија може да аплицира за добивање 30 илјади евра од Фондот за иновации. Јавниот повик ќе биде објавен утре...

Иновативни компании базирани на знаење и нови технологии, со повисок извозен потенцијал кои креираат работни места, можат да сметаат на поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој. За првиот јавен повик за кофинансирање на проекти на мали бизниси се издвоени 600 илјади евра, а за сите  инструменти на располагање е скоро 4 пати поголем износ. Од Владата велат дека подобрувањето на конкурентноста преку знаење и иновации е клучно за економскиот развој на една земја.

„Фондот за иновации и технолошки развој располага со вкупно 4 инструменти и за сите нив оваа година се предвидени средства од вкупно 2 милиона 280 илјади евра“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

Се очекува преку првиот јавен повик да бидат поддржани 20-тина проекти на микро, мали и средни фирми. На огласот можат да се јават фирми не постари од 6 години, но и „старт ап“ компании , во доминантна сопственост на македонски граѓани.

„Износот што може да биде финансиран е најмногу до 30 илјади евра по проект, додека Фондот финансира околу 85% од вкупните трошоци за проектите“, нагласи Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Се очекува грантовите да придонесат за зголемување на капацитетите на македонските компании за апсорпција на нови знаења и нови технологии, како и поинтензивна соработка со странски компании и трансфер на технологии и знаења.

Бизнис заедницата посакува средствата да ги искористат токму иновативни компании кои создаваат производи со поголема додадена вредност .

Целта на Фондот е да ја зголеми  иновативноста во македонските компании и да се поттикне комерцијализацијална примена  на научно- истражувачки проекти од универзитетите преку формирање „спин оф“ претпријатија, како и трансфер на нови технологии.

Ќе може да се користи и техничка помош преку деловно- технолошки акцелератори.

Свето Николовски